САД подготвуваат испраќање на околу 10.000 војници на Блискиот Исток, што отвора можност за копнена инвазија и дополнителна ескалација на конфликтот со Иран. Паралелно со ваквите најави, цената на нафтата порасна на околу 110 долари за барел.
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека преговорите со Техеран напредуваат, но Иран категорично го негира тоа.
-Проценивме дека ќе бидат потребно приближно 4 до 6 недели за да ја постигнеме нашата мисија. Дваесет и шест дена подоцна сме екстремно, навистина, многу пред предвиденото. Иранскиот режим сега признава дека е убедливо поразен. Тие им велат на луѓето: „Ова е катастрофа“. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД
Од иранска страна, министерот за надворешни работи Абас Арагчи обвини дека Вашингтон ја напуштил дипломатијата.
-Тие (САД) ја предадоа дипломатијата втор пат во период од 9 месеци, торпедирајќи ја преговарачката маса. Нашата одбрана ќе трае колку што е потребно. , изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Дипломатските тензии се пренесоа и на состанокот на Г-7 во Франција, каде главни теми се завршување на војната и отворањето на Ормускиот теснец. На средбата присуствува и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој најави спротивставување на дел од европските ставови.
-Имаше неколку лидери во Европа кои рекоа дека ова не е војна на Европа. Па и украинската не е американска војна, а ние придонесовме во таа војна повеќе од која било земја на светот. , изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека САД и Иран би можеле наскоро да одржат директни разговори во Пакистан, но тоа засега не е потврдено од ниту една страна.
