Министерството за одбрана на САД синоќа соопшти дека резултатите од ревизијата на неодамнешното протекување на доверливи документи ќе бидат готови за 45 дена.

Оттаму потврдија дека работат на извештај за проценка како било извршено злоделото.

-Тука сме да ги извлечеме фактите и тоа е она што ќе го направи оваа ревизија, изјави Сабрина Синг, заменичка портпарол на Пентагон, додавајќи дека министерството „продолжува да работи деноноќно за подобро да го разбере обемот на овие протекувања“.

На прашањето дали сè уште може да има повеќе документи кои кружат на Интернет, Пентагон рече дека „може да има. Ние сè уште го оценуваме тоа“.

Од министерствто исто така укажаа дека е преземена акција за ограничување на бројот на вработени со пристап до доверливи информации.

Минатата недела, американските власти го обвинија Џек Тешеира (21) од Националната воздухопловна гарда за протекување на повеќе доверливи документи на Интернет.

Документите, кои со недели кружеа на различни страници на социјалните мрежи, вклучуваа чувствителни информации за руската војна во Украина, како и информации за сојузниците на САД, вклучувајќи ги Израел, Турција и Јужна Кореја.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби, изјави дека САД не откриле повреда на довербата меѓу Вашингтон и сојузниците како резултат на информациите откриени со протекувањето.

Тешеира се соочува со две кривични пријави: неовластено задржување и пренесување информации за националната одбрана и неовластено отстранување и задржување на доверливи документи. Првото обвинение спаѓа во Законот за шпионажа.

Доколку биде прогласен за виновен, тој се соочува со затворска казна до 15 години.