Воопшто не се точни имињата на фирмите кои кружат во јавноста за добивање на тендерот за пречистителна станица за отпадни води во Град Скопје, бидејќи сѐ уште се запечатени во пликови.
Ова го изјави поранешниот директор на „Водовод и канализација“, Златко Перински, кој додава дека во јавноста за ова прашање кружеле многу лажни информации. Според него, Европската инвестициска банка на само неколку минути пред вчерашната конференција по електронска пошта го известил дека немаат забелешка за техничката фаза на тендерот. Перински додава дека барањето на градоначалничката на Град Скопје за промена на членовите на комисијата за оценка ја става на ризик следната фаза од тендерот.
Поранешниот директор на Водовод, Перински додава дека овој допис на Европската инвестициска банка го испратил до кабинетот на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и побарал да се сретне со неа за да се разјасни, но Арсовска не прифатила. Неколку пати се обидовме да добиеме изјава од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, но ни таа, ни нејзиниот кабинет не беа достапни. На десниот кеј на реката Вардар, поконкретно во населбата Трубарево во општина Гази Баба, предвидена е изградба на пречистителна станица за отпадни води.
Оваа станица се очекува да биде изградена на простор од 13 илјади хектари и треба да има капацитет за 500 илјади жители. Со изградбата на оваа пречистителна станица, реката Вардар треба да има 90% почиста вода, подобрување на условите во животната средина како и да влијае на климатските промени на главниот град, услови кои се исто така дел од критериумите за отворање на преговори со ЕУ. Целиот проект за изградба на пречистителната станица чини 136 милиони евра и е поддржан од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој како и од Европската комисија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.