Владата го назначи Златко Перински за вршител на должноста директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Одлуката беше донесена на денешната владина седница, а Перински на функцијата доаѓа по предлог на министерот за здравство Сашо Клековски.
Клековски претходно раководеше со Фондот за здравствено осигурување, пред неодамна да биде избран за министер за здравство.
Перински досега ја извршуваше функцијата министер за локална самоуправа, а по владината реконструкција на неговото место беше назначен Иван Стоиљковиќ.
Новиот в.д. директор на ФЗОМ е магистер по менаџмент на човечки ресурси и има долгогодишно искуство во јавниот сектор. Пред да стане министер, Перински беше генерален директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, а претходно раководеше и со Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
