Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека Општина Гостивар мора да биде вклучена во целиот процес за нормализирање на состојбата со водоснабдувањето, откако загадувањето на водата предизвика сериозни проблеми во градот.
Одговарајќи на новинарско прашање за соработката со локалните власти и евентуалното проширување на истрагата за одговорноста на други лица, Тошковски оцени дека одговорноста за настанатата состојба е кај Општина Гостивар и општинските органи.
„Факт е дека заклучно со денес, целиот овој хаос е одговорност на Општина Гостивар и на органите во рамки на општината. Поради нивна неможност, државата денес донесе одлука да се вклучи и да го расчисти овој хаос максимално брзо. Органите во состав на Општина Гостивар се должни максимално да се вклучат во процесот. На состанокот којшто е закажан во 17:00 часот во рамки на ОВР Гостивар ќе бидат повикани сите надлежни кои можат да помогнат“, изјави Тошковски.
Министерот потврди дека разговарал со градоначалникот на Гостивар, со цел утврдување на фактичката состојба и преземање на следните чекори.
„Ќе постапуваме во соработка со Јавното обвинителство за секој следен чекор, како од аспект на одговорност согласно Кривичниот законик, така и од аспект на ставање во нормална функција на водоснабдувачкиот систем“, нагласи Тошковски.
Во однос на можноста истрагата да ја преземе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како и прашањата поврзани со надзорот на новиот водовод во Гостивар и неговото пуштање во употреба, Тошковски посочи дека надлежноста ќе зависи од утврдените законски основи.
„За секој предмет каде што ќе се утврдат законски надлежности на ОЈОГОК, тоа е должно да го преземе во рамки на своето постапување. Доколку утврдат дека постојат такви елементи, тоа е нивна надлежност“, рече министерот.
Тој додаде дека во овој момент не може да сподели дополнителни информации во врска со надзорот над водоводниот систем, посочувајќи дека експертите треба да ја завршат својата работа на терен.
„Сепак, да ги оставиме експертите да си ја одработат својата работа на терен“, изјави Тошковски.
