Британецот Карл Бушби се врати на своето родно тло по 28-годишно патување околу светот, откако помина цели 50.000 километри низ 29 различни држави. Овој 57-годишен поранешен падобранец од градот Хал го започнал својот потфат во Чиле пред речиси три децении, а неодамна пристигна на плажата Шекспир, која се наоѓа јужно од Довер.

За време на патешествието, Бушби строго се придржувал до сопствените несекојдневни правила: да не користи никаков вид превозни средства и воопшто да не се враќа дома сè додека целосно не го заокружи својот потфат. На патот се соочил со бројни екстремни препреки, вклучително и преминот низ опасниот регион Дариен меѓу Колумбија и Панама за време на вооружените судири меѓу колумбиските сили и герилците.
Тој исто така го запиша првото забележано пешачко преминување на Беринговиот Проток од исток кон запад. Покрај тоа, стана првиот човек што препливал дури 184 милји, односно околу 296 километри, преку водите на Каспиското Море.
Во Европа влезе минатата година, додека минатиот месец пристигна до каналот Ламанш. По 20 часа минати во вода и три дена на отворено море соочувајќи се со силни ветрови, конечно стигна до брегот на Велика Британија, каде што го пречекаа неговиот татко, браќата и пријатели.

„Чувството е одлично повторно да се биде на британско тло по сите овие години“, вели Бушби.
„Не беше лесно, а токму тоа е и поентата – да докажам дека сум поспособен отколку што мислев. Сите можеме да постигнеме многу повеќе отколку што воопшто можеме да замислиме“, рече Бушби.
Неговата мисија сепак сè уште не е целосно комплетирана, бидејќи крајната дестинација е куќата на неговата мајка во Хал, оддалечена уште околу 400 километри, каде што очекува да пристигне во текот на следниот месец.
„Заминав оттаму пред 28 години и наскоро ќе го завршам патувањето таму. Остануваат уште околу 400 километри, така што морам да побрзам“, изјави Бушби.
Кога тргнал од дома, сметал дека патувањето ќе трае околу 12 години, но на крајот враќањето во Хал ќе претставува завршница на еден од најневеројатните долгорочни патнички подвизи во модерната историја.
