Полициски службеници од СВР Велес синоќа во 20:40 часот ги лишиле од слобода Ѓ.Ш. (33) и С.Ш. (29), двајцата од Велес, откако претходно била поднесена пријава за запуштање и малтретирање на дете.

Полицијата, заедно со претставници на Центарот за социјални работи Велес, извршила увид во домот во кој престојувале родителите со нивните пет малолетни деца.

При увидот било утврдено дека во домот немало основни услови за живот и за соодветно одгледување на децата.

За случајот бил известен јавен обвинител, а со двајцата родители бил извршен службен разговор.

Во содејство со инспектор за малолетници и социјални работници од Центарот за социјални работи Велес, петте деца биле однесени во Општата болница во Велес за да биде утврдена нивната здравствена состојба.

Потоа децата биле предадени во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС Детско село“.

По целосното расчистување и документирање на случајот, надлежните ќе поднесат соодветни пријави.