Пет тони марихуана од Македонија во Србија: Уапсен и сопственик на фирма од Скопје за медицински канабис
Српското Јавно обвинителство за организиран криминал го посочи Иван Драгниќ како клучна алка во транспортот на марихуаната од Македонија кон Србија. Според обвинителството, тој е косопственик на компанија со седиште во Скопје, регистрирана за производство и преработка на медицински канабис, но наместо легална дејност, бил вклучен во шверц на марихуана наменета за улична продажба, вредна околу 50 милиони евра.
Легална фирма како параван
Надлежните органи наведуваат дека случајот е особено индикативен бидејќи Драгниќ поседувал компанија регистрирана за легално производство на медицински канабис во скопскиот регион. Според српското обвинителство, истрагата покажала дека ваквата дејност била користена како параван за криминални активности во рамки на меѓународна мрежа за шверц на дрога.
Шверц од Македонија до Србија
Истрагата утврдила дека криминалната група дејствувала на меѓународно ниво и во текот на јануари годинава набавила над пет тони марихуана на територијата на Македонија. Според планот на организаторот, Драгниќ бил задолжен за транспортот на дрогата преку граница. Тој ја доставил стоката до магацин во сопственост на семејството Спасојевиќ во Србија, од каде што третоосомничениот Урош Младеновски ја преземал за понатамошна дистрибуција и продажба.
Оружје, пари и организатор во бегство
Покрај запленетата марихуана, чија вредност се проценува на околу 50 милиони евра, полицијата на 29 јануари во магацините пронашла и арсенал оружје – четири автоматски пушки и еден рачен ракетен фрлач „зоља“. Запленети биле и повеќе од 1,5 милиони динари во готовина. Иако дел од осомничените се приведени, наводниот организатор Александар Мијајловиќ успеал да побегне, а српските власти веќе поднеле предлог за распишување меѓународна потерница. Приведените лица, за време на сослушувањето во обвинителството, се бранеле со молчење.
