„Во моментов дискутираме за разрешување на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. И кога малку ќе подразмислам овој министер можеби има најмногу „сработено“ бидејќи повеќе граѓани имаме во дијаспората отколку што ни останаа во Македонија. Овде би сакала да ја потсетам македонската јавност за тоа како ќе изгледаше ветената земја, блескавата Македонија во која невработеноста е на најниско ниво, во која секојдневно се градат нови патишта, правниот систем е пупка, здравството бесплатно, образованието врвно, а платите никогаш повисоки. Се сеќавате ли на групата млади луѓе во шарени маички на кои им пишуваше „заедно напред“. Навистина заминаа, заедно напред, заедно кон ЕУ без да погледнат зад себе. Каде ни се тие млади? Токму оваа власт безмилосно ги фрли во виорот на едно општество, кое требаше да биде општество за сите“, истакна Лидија Петкоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Петкоска го запраша владејачкото мнозинство каде се младите, зошто младите се повеќе си заминуваат од државата.
„Младите станаа најзагрозена социјално категорија на населението, западнаа во буџетска немилост, станаа жртви на разно разни ребаланси во кој молат за пристоен оброк и нормален кревет. Тоталната негрижа на институциите на власт спрема нив сите ја плаќаме со драматични загуби на најзначајната категорија на населението, а резултатите од владините политики секојдневно ги испраќаме по неколку автобуси во странство“, рече пратеничката.
Таа посочи дека пострашно е што уште поголем дел од граѓаните се повеќе посакуваат да си заминат од Македонија. А, за ова е виновна власта и нејзините лоши политики.