Секогаш сме се придржувале до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција на Бугарија за Република Северна Македонија. Нема никаков документ што е потпишан од бугарска страна, изјави денеска во Стара Загора бугарскиот премиер Кирил Петков, јави дописникот на МИА од Софија.
Изјавата на Петков доаѓа по вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците.
Петков, кој утре доаѓа во земјава, рече дека „неговата посета е за да ја покаже силната задача на бугарската Влада да ја поддржи бугарската заедница во Македонија“.
– Верувам дека во моментов и Владата на Република Северна Македонија е свесна за тоа каков голем приоритет е ова за Бугарија и заеднички работат на подигање на приоритетот на овие луѓе во македонското општество, рече Петков.
Според него, фактот што утре ќе бидат толку многу луѓе од различни партии таму, покажува една поддршка за бугарската заедница.
– Во исто време се надевам дека она што сите го кажавме, дека Република Северна Македонија треба да биде дел од Европа, дека и од двете страни ќе се движиме позитивно во таа насока, рече Петков.
Бугарскиот премиер Петков, заедно со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, в сабота, на 16 април ќе ја посетат Битола, во организација на бугарската амбасада во земјава.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера информира дека средба на премиерот Димитар Ковачевски или некој владин претставник со бугарската делегација се организира во рамки на новопланираниот далекувод на РЕК Битола што ќе ги поврзува Битола со Елбасан.
Претходно, во одговорот на бугарското МНР доставен до БГНЕС, во врска со вчерашната изјава на Османи дека постои документ одобрен од македонска страна и се чека одговор од властите во Софија, се вели дека „за време на состанок во февруари, Бугарија ја информираше Република Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“.
– Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на министерствата се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на РСМ, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна, доставени на третиот круг експертски консултации одржани во 2021 година во Скопје. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на РСМ дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат, се наведува во одговорот на бугарското МНР.
Министерството уште додава дека „кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“.