Новиот бугарски премиер Кирил Петков во интервју за ТВ Блумберг ветува дека ќе го прекине дипломатскиот ќорсокак околу пристапните разговори на  Македонија со Европската унија што ги запира амбициите на земјава за ЕУ.

Бугарија, наведува американскиот финансиски медиум, ги блокираше разговорите на  Македонија за приклучување кон 27-члениот блок поради историски и јазични тврдења, истовремено тврдејќи дека се кршат правата на бугарските државјани во земјата. Петков, 41-годишниот алумни на бизнис школата на Харвард, избран минатата година да се бори против корупцијата, вели дека сака да ја префрли дебатата од историските спорови за да се фокусира на инфраструктурата и економскиот развој.

-Треба да ги ставиме сите дискусии на сите вин-вин ситуации меѓу двете земји. Ако двете страни почнат да зборуваат за добрите страни, подготвеноста да се постигне договор за важни прашања ќе биде полесна, рече Петков.

Северна Македонија, Република од 2 милиони жители без излез на море, наведува Блумберг, се соочи со регионален отпор на нејзиниот пат кон западната интеграција. За да се приклучи на НАТО во 2020 година, земјата мораше да го смени името за да го реши спорот со Грција, која ја обвини за територијални претензии врз сопствениот регион Македонија. Сега, се наведува понатаму, таа се соочува со притисок од Бугарија, каде што ова прашање доби поддршка од јавноста. Повеќе од 70 отсто од Бугарите велат дека  Македонија мора да ги реши своите спорови пред да напредува во ЕУ.

Со оглед на тоа што коалициските партнери на Петков, исто така, изразуваат неподготвеност да понудат отстапки, Блумберг оценува дека неговата задача ќе биде тешка. Билатералната комисија од историчари дебатира со години, без напредок на повидок.

Петков вели дека работните групи ќе имаат почести средби за да постигнат напредок по ова прашање во текот на следните шест месеци, обезбедувајќи основа за Бугарија повторно да ја разгледа својата позиција. За да ја олесни промената, тој наведува дека ќе се заложи за паневропски механизам кој ќе штити од дискриминаторски третман на етничките групи.

-Имам силна волја и верувам дека интересот на двете земји е да продолжи патот на Северна Македонија кон ЕУ… Значи, колку побрзо напредуваме со овие чекори, толку побрзо можеме да дојдеме со поконкретни рокови, смета бугарскиот премиер Кирил Петков.