Американската компанија ОпенАИ поднесе противтужба против Епл, обвинувајќи го технолошкиот гигант за кражба на деловни тајни и за попречување на развојот на нејзините идни електронски уреди со вештачка интелигенција.
Противтужбата беше поднесена пред федералниот суд во Калифорнија, околу четири месеци откако Епл упати слични обвинувања против креаторот на Чат ГПТ.
ОпенАИ тврди дека Епл се обидувал да ги одврати производителите на електронски компоненти од соработка со компанијата. Според наводите во противтужбата, новите уреди опремени со вештачка интелигенција би можеле директно да му конкурираат на Епл на пазарот на кој доминира со години.
Едно од клучните обвинувања се однесува на поранешен вработен на Епл, кој по шест месеци поминати во ОпенАИ се вратил назад кај својот стар работодавец. Во текот на тој период тој имал пристап до доверливи информации за нов електронски уред и до стратешките планови за развој на идните производи на компанијата.
ОпенАИ изразува сомнеж дека прибирањето на тие документи можеби било главната причина за неговото првично вработување во компанијата.
Во судските документи ОпенАИ дополнително го обвинува производителот на „Ајфон“ и за неовластено следење на поранешните вработени преку нивните лични електронски уреди и кориснички сметки.
Компанијата наведува дека Епл континуирано ги поттикнува вработените да ги користат личните уреди за службени цели. Кога тие ќе решат да ја напуштат компанијата, разграничувањето на приватните од службените податоци станува исклучително отежнато.
Според тврдењата на ОпенАИ, на тој начин Епл со намера создавал услови за обвинување на поранешните кадри за кражба на доверливи информации, при што досега околу 400 вработени од производителот на „Ајфон“ преминале во редовите на ОпенАИ.
Од Епл целосно ги отфрлија обвинувањата за незаконско прибирање доверливи информации и за попречување на пазарната конкуренција.
„Противтужбата на ОпенАИ е очигледен обид да се одвлече вниманието од суштината на тужбата на Епл“, соопштија од компанијата.
Епл уште на 10 јули ги тужеше ОпенАИ и двајца свои поранешни вработени, Танг Тан и Чанг Лиу. Тан работел во компанијата 24 години и ја извршувал функцијата потпретседател задолжен за дизајнот на „Ајфон“ и на „Епл воч“.
Судскиот спор се разгорува во период кога ОпенАИ активно се обидува да го прошири сопствениот бизнис надвор од традиционалната софтверска индустрија.
Минатата година компанијата го презеде стартапот за развој на електронски уреди „Ајо продуктс“ на поранешниот главен дизајнер на Епл, Џони Ајв, во трансакција чија вредност изнесуваше 6,5 милијарди долари.
Двете компании соработуваат од 2024 година, кога Епл го интегрираше Чат ГПТ во својот оперативен систем со вештачка интелигенција, што им овозможи на корисниците на „Ајфон“ да добиваат директни одговори преку гласовниот асистент „Сири“.
