Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во изјава за „Канал 5“ телевизија, рече дека очекува одговори од општините во врска со иницијативата за поставување споменици на загинатите бранители кај Вејце, Карпалак и Љуботенски бачила, и порача дека од овој настан не сака да прави медиумска атракција ниту да го користи за популистички цели.
– Ако кој било од градоначалниците сметаат дека иницијативата е неправилно поднесена, се разбира може во писмена форма да одговорат, а јас како министерка добро знам која ќе биде следната фаза за реализацијата на оваа идеја, истакна министерката.
Таа дополни дека ги чека одговорите од надлежните општини, согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја.
– Не е идејата ниту да се надмудруваме, ниту да создаваме дополнителни конфликти, затоа што, во државата и на централно и на локално ниво граѓаните очекуваат од нас да ги решаваме проблемите за кои сме поставени, а не да креираме нови проблеми, нагласи Петровска.