Стабилноста на Западниот Балкан е клучен приоритет за Северна Македонија и за Косово, а засилената одбранбена соработка е еден од начините како да ги зацврстиме мирот и безбедноста во овој дел на Европа, заклучија министерката за одбрана Славјанка Петровска и косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај, на денешната средба во Приштина.
– Северна Македонија како земја – членка на НАТО е сериозно посветена на зацврстување на регионалната стабилност и безбедност. Тоа е предуслов нашите држави да продолжат да се развиваат особено денеска кога имаме нова геополитичка реалност во која е нарушена повеќедецениската безбедност на европскиот континент, нагласила министерката Петровска на средбата.
Во контекст на зајакнувањето на регионалната безбедност и стабилност, Петровска го информирала својот косовски колега дека Северна Македонија останува посветена на придонесот во мисијата КФОР.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, министрите се заложиле да работат на продлабочување на соработката во доменот на кризниот менаџмент при природни непогоди и катастрофи.
Во однос на геополитичките предизвици, на состанокот била осудена руската инвазија на Украина, за што министерката Петровска, се наведува во соопштението, истакнала дека нема место во Европа во 21-от век.
Министерот Мехај се заблагодарил за отвореноста и посветеноста на Северна Македонија во развојот на билатералните односи и вклучувањето во регионалните иницијативи кои се важни за одржувањето на регионалната безбедност и стабилност. Тој упатил благодарност и за учеството на припадниците на Армијата во мисијата КФОР.
Петровска и Мехај го потпишале и новиот Меморандум за соработка, како продолжување на воспоставената одбранбена соработка со Меморандумот од 2010 година. Соработката опфаќа повеќе области како справувањето со дезинформациите, безбедносната и одбранбена политика, процесот на планирање, програмирање, буџетирање и извршување, медицинската обука и военото образование.
Во Приштина, министерката Петровска имала средба и со заменик-командантот на НАТО мисијата КФОР, италијанскиот бригаден генерал Лука Пиперни, кому му се заблагодарила за логистичката поддршка од командата и од италијанската армија на контингентот од Северна Македонија кој во моментов брои 74 припадници на Армијата.
– Северна Македонија е столб на безбедноста во регионот и затоа освен 15-годишната логистичка поддршка на оваа мисија, денеска во КФОР придонесуваме и со контингент војници од Армијата на Република Северна Македонија, рекла министерката на средбата. Петровска потенцирала дека државата останува посветена на придонесот во КФОР, за што веќе е во подготвителна фаза новата ротација во оваа мисија од мај 2022 година.
Генералот Пиперни порачал дека војниците од Армијата на Република Северна Македонија во КФОР се посветени и професионални во извршувањето на своите задачи.
Посетата на Косово продолжува со средба на министерката Петровска со контингентот војници од Армијата на Република Северна Македонија стационирани во Регионалната команда – Запад, во Пеќ.