Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денот за високи гости на вежбата „Брз одговор 23“ на армискиот полигон Криволак порача силата е во различностите и дека секој успех на сојузниците со кои работиме и на граѓаните за кои работиме е заеднички. Таа додаде дека секоја инвестиција во Армијата е инвестиција во нашата безбедност.
„Во НАТО чекориме рамо до рамо, обединети со прогресивните сили на светот и нашиот стратешки партнер САД, подготвени да одговориме на заканите, без оглед од каде доаѓаат. Со оваа вежба испраќаме неколку силни пораки – дека придобивките од сојузништвото во НАТО се, пред сè, за граѓаните, дека нашата земја е еднакво голема и важна колку секој од сојузниците и дека солидарноста е клучот на успехот и напредокот, особено во тешки времиња“, рече Петровска.
Министерката им се заблагодари на припадниците на македонската и сојузничките армии и им честита за покажаните професионалност, посветеност и заедништвото, што ги покажаа изминативе денови.
„Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО-армија, моменти што потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност“, заклучи Петровска.
На денот за високи гости припадниците на вооружените сили на Северна Македонија, САД, Албанија, Црна Гора и на Косово изведоа вежба со наслов „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.