Придонесот на Северна Македонија кон регионалната и глобалната безбедност и интензивирањето на одбранбената соработка со ЕУ беше тема на средбата на министерката за одбрана Славјанка Петровска со претседавачот на Воениот комитет на Унијата, генералот Роберт Бриегер во Брисел.

– Навистина можеме да бидеме горди на постигнатото. Од увозник на безбедноста, Северна Македонија се позиционираше како столб на регионалната безбедност и стабилност. Потврда за тоа е нашето учество во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА од 2006 година, како и нашето учество во борбените групи на Унијата, рече Петровска на состанокот.

Таа, како што соопшти Министерството за одбрана, информирала дека досега 363 армиски припадници биле дел од АЛТЕА, додека во мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република учествувале 6 армиски офицери.

Исто така, Петровска изрази задоволство од силниот интензитет на одбранбената соработка помеѓу земјата и ЕУ и се заблагодари за европската поддршка на процесот на модернизација и опремување на Армијата со девет милиони евра обезбедени преку Европскиот мировен фонд.

– Фактот дека Европскиот мировен фонд покажа интерес да го поддржи опремувањето и модернизацијата на Армијата со 9 милиони евра, покажува дека интересот за уште поблиски односи помеѓу Северна Македонија и Унијата е голем. Нашата земја го започна пристапниот процес, нашето општество е базирано на современи европски вредности и ние припаѓаме на Европа, изјави Петровска.

Генералот Бриегер, пак, изразил задоволство што и двете страни се амбициозни во намерата да ја зацврстат одбранбената соработка и се заблагодари за долгогодишното учество на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мисии и операции на Унијата.

Инаку, Петровска од денеска е во неколкудневна работна посета на Брисел, во чии рамки на покана на високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел ќе учествува и ќе се обрати на првиот Безбедносно-одбранбен форум Шуман, а ќе има и повеќе засебни средби со високи политички и воени претставници на НАТО и на Европската Унија.

Првиот форум Шуман се одржува под мотото „Заедно посилни во нестабилен свет“, а е организиран под покровителство на Борел. Целта на овој Форум е да ја зацврсти соработката помеѓу релевантните глобални и регионални актери во областа на безбедноста и одбраната и да биде форум на кој ќе се разговара за клучните безбедносни прашања и начините на зацврстување на меѓународниот мир и безбедност.

На Форумот ќе учествуваат високи претставници од 27-те земји-членки на Унијата и 45 партнерски земји, вклучително и над 20 министри за одбрана, како и претставници на меѓународни и регионални организации како Обединетите Нации, НАТО, ОБСЕ, Африканската Унија, АСЕАН, Советот за заливска соработка и Лигата на арапски држави. Дел од Форумот ќе бидат голем број невладини организации, тинк-тенк организации и претставници на академската заедница.