Досегашната директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска  за САКАМДКАЖАМ.МК вели дека не е изненадена од разрешувањето, бидејќи тоа е по барање на претседателката на ДОМ Маја Морачанин.

„Изминатиов период, откако јас и Мирослав Богдановски од страна на претседателката Маја Морачанин бевме разрешени од сите партиски функции, се работи на моја политичка елиминација. Партијата ДОМ имаше убава агенда и визија, но сега можам да кажам дека не одат во добра насока. Мене ми беше чест што можев нецела година да работам во оваа институција, сметам дека одредени работи ги подобривме, но останува уште работа“, вели Петровска.

Таа продолжува да работи во Министерството за животна средина како помошник раководител за отпад каде работеше пред да стане државен секретар во Министерството, а потоа директорка на Инспекторатот.

Од Владата велат дека разрешувањето е на барање на партијата ДОМ, оти согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на Државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на ДОМ.