Стратешкиот дијалог ќе биде уште еден чекор напред во интензивната и продуктивна соработка меѓу САД и Северна Македонија на полето на одбраната, истакнала министерката за одбрана Славјанка Петровска на средбата со помошничката на американскиот секретар за одбрана, Селесте Валандер, што се реализирала вчера попладне по американско време.
– Стратешкиот дијалог е дополнителен ветер во грбот за нашата плодна одбранбена соработка. Посветеноста и поддршката на САД за Северна Македонија се докажува низ годините во кои ја градевме одбраната, а може да се види и денеска кога сме заедно дел од Алијансата, споделувајќи ги истите вредности, нагласила Петровска.
Порачала дека Северна Македонија со дела покажала дека има јасна визија и цел кога станува збор за развојот на Армијата – таа да биде модерна, високо обучена и опремена со најсовремената воена опрема, и дека таа посветеност е видлива и кај сојузниците, особено Соединетите Американски Држави, кои ја помагаат модернизацијата.
Петровска и Валандер, како што соопшти Министерството за одбрана, разговарале и за новата безбедносна реалност во Европа. Заеднички ја осудиле руската агресија врз Украина, која, како што оцениле, наиде на обединето НАТО.
– Валандер на работната вечера го истакна значењето на Северна Македонија во одржувањето на регионалниот мир и безбедноста, потенцирајќи ги одлуките кои овозможија прием на Северна Македонија во НАТО, како вистински одлуки во вистинско време, информираа од Министерството за одбрана.