123 функционери кријат 30 милиони евра вреден имот со месеци, а дел од нив и со години, односно не поднеле анкетни листови иако за тоа имаат законска обврска. Со месеци па дури и со години ДКСК не покренала постапка. Дали со ова се праќа порака дека може да се прави криминал и доколку си член на СДС И ДУИ нема да одговараш. Што се крие и кој се крие во аферата Тајни имоти, па власта се спрегна во релативизирање, пуштајќи дури и тези дека не се работело за првиот ешалон на власта, туку за вториот или третиот, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
Според него криењето на имот од над сто функционери не може никако да е случајност, туку тука постои основано сомнение дека се работи за системско криење на имот.
– И веќе четврти ден наместо одговорност и оставки од функционерите, гледаме бледи соопштенија и обиди за маргинализирање на случајот. Доколку не станува збор за системско криење, тогаш Ковачевски треба да побара пресек од Антикорупциска комисија на сите функционери кои не пријавиле имот и истите да ги разреши веднаш затоа што не го почитуваат законот, рече Петрушевски.
Пратеникот посочи дека доколку не го направи тоа Ковачевски фрла само поголем сомнеж дека се работи за системско криење на имот.
– Едноставно не може да не знаеле дека имаат законска обврска да го пријават имотот, рече Петрушевски кој упати едно прашање до премиерот Димитар Ковачевски кое гласи „зошто ги штитите функционерите кои кријат имот или и самите криете имот стекнат преку аферата „Броило“. Второ прашање го упати до претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, „колку вкупно функционери по стапување на функција, или во рок од 30 дена по стапување на истата немаат поднесено анкетни листови“.