Случајот со „Богац“ води до поширока афера, ЈО да отвори истрага
Мито од 2.000 евра што, според наводите, го добил „Богац“ од „Џемо“, е само почеток на поголема афера во Царинската управа вредна 18 милиони денари, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Тој посочи дека, според информации од свиркачи, постоела комуникација преку Вибер во која бил договаран тендерот.
„Според информациите добиени од свиркачи, Богац преку Вибер со Џемо го договарал тендерот вреден 18 милиони денари, а 2.000 евра биле првата од повеќето исплати кои требало да ги добие токму Богац како награда од Џемо“, рече Петрушевски.
Петрушевски побара Јавното обвинителство да провери дали, како што рече, станува збор за 10 проценти од тендерот, односно околу 1,8 милиони денари.
Обвинувања за молк од СДС и прашања до Филипче
Петрушевски во обраќањето упати критики и кон СДС и нивниот лидер Венко Филипче, обвинувајќи дека не се оградуваат од случаи поврзани со нивни поранешни функционери.
„И СДС и Филипче молчат и не се оградуваат од криминалните афери на своите членови. Еден ден е Богац, еден ден е поранешен градоначалник на општина, друг ден е член на ИО на СДС, трет ден цели фамилии, браќа, братучеди, кланови“, рече тој.
Петрушевски додаде дека, според него, нема никаква осуда од опозицијата.
„Од Филипче и СДС никаква осуда. Колку пари требал да земе Богац за Филипче да го смета ова за криминал? Дали можеби 20% како што Филипче зема за модуларната?“, изјави Петрушевски.
Тој оцени дека, како што рече, ваквите случаи ја покажуваат „матрицата на делување“ на СДС.
