Вистинска привилегија и голема чест е да се биде градоначалник на град со вековна историја, уникатни културни вредности и природни убавини кои се светско наследство. Охрид е најзначајниот туристички бисер на Македонија, Охрид е нашата гордост и затоа нашата единствена цел е тој да продолжи да напредува, да обезбеди подобри услови за сите граѓани и генерациите што доаѓаат, истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во својот отчет.

-На мое големо задоволство денеска можам да кажам дека првата година од мојот втор мандат го одбележа континуитетот и динамиката на веќе започнатите проекти, но и низа нови сериозни капитални инвестиции кои ќе го подобрат квалитетот на живеење. Како што ветивме, веќе е во тек изградба на современата катна гаража во централното градско подрачје, проект кој ќе придонесе за подобра организација на сообраќајот и поголема функционалност на центарот на градот, рече тој.

Особено значаен е и проектот за реконструкција и уредување на плоштадот „Чинар“, со кој значително се подобри изгледот и функционалноста на еден од најпрепознатливите простори во старата градска чаршија.

-Нов лик доби и „Холандскиот парк“ каде што беше извршено комплетно партерно и хортикултурно уредување. Продолживме со реконструкција и уредување на градските сообраќајници. Комплетно ги реконструиравме улиците „Прилепска“ и „Аџи Мустафа“, а реализиравме поголем зафат за асфалтирање на улици во населбата „Бараки“. Го асфалтиравме патот кој ги поврзува селата Лескоец и Велгошти, со што жителите од овие две населени места добија директна и побезбедна поврзаност. Завршија и градежните активности за асфалтирање на улици во Горно и Долно Лакочереј, каде што претходно беше поставена примарна канализациона мрежа. Го реконструиравме патот кон село Завој, поставивме асфалт на патот до црквата „Св. Наум“ во село Орман и го асфалтиравме патот кон манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Куратица, вели Пецаков.

Завршен е проектот за реконструкција на водоводната линија на улицата „Кленоец“, заедно со изградба на атмосферска и фекална канализација. Исто така на оваа улица се поставува и нов асфалт на коловозот, со што решивме долгогодишни инфраструктурни проблеми и создадовме подобри услови за жителите од овој дел од градот.

-Реализиран е значаен проект за замена на опремата во пумпната станица „Метропол“, со нови, енергетски ефикасни и автоматизирани пумпи, со што се обезбедува поголема сигурност и стабилност во водоснабдувањето. Во делот на заштитата на животната средина, продолжуваме со реализација на проекти кои ќе имаат директно значење за зачувување на Охридското Езеро. Меѓу нив, особено би го издвоил проектот за изградба на пречистителната станица во Трпејца, со кој создаваме услови за современо управување со отпадни води и дополнителна заштита на езерото, вели Пецаков.

Посочи дека голем дел од инвестициите се насочени и кон образованието, затоа што создавањето на подобри услови за младите значи вложување во иднината на Охрид.

-Учениците од Лескоец добија современи услови за спортување и рекреација. Новата спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“ овозможува подобри услови за наставата по физичко образование, но и нов простор за спортски настани и дружење. Продолжуваме со големиот проект за реконструкција на гимназијата „Св. Климент Охридски“, еден од најзначајните образовни и историски објекти во градот. Во изминатите четири години тука инвестиравме над 100 милиони денари за целосна модернизација на објектот и создавање подобри услови за учениците и наставниот кадар. Продолжуваме да вложуваме и во ООУ „Григор Прличев“, со цел подобрување на условите за одвивање на наставата. Посветено работевме и на подобрување на условите во детските установи, а реализирани се реконструктивни зафати во објектот „Росица“ на детската градинка „Јасна Ристеска“, со што создаваме подобри услови за најмладите, посочи охридскиот градоначалник.

Грижата за младите не завршува со создавање на подобри услови во училиштата и спортските објекти.

-Продолживме со доделување на стипендии за учениците и студентите, затоа што веруваме дека знаењето, трудот и успехот треба да бидат поддржани. Истовремено, направивме и важен чекор кон создавање нов простор за младите. Избрано е идејното решение за новиот Младински културен центар кој ќе биде лоциран во поранешната касарна. Од овој простор сакаме да создадеме место со нова функција, простор кој ќе им припаѓа на младите, каде што ќе можат да бидат креативни, продуктивни, да создаваат, да се дружат и да ги реализираат своите идеи. Најдоброто идејно решение е важна појдовна точка за следната фаза, а тоа е изработка на основниот проект и понатамошна реализација на Младинскиот културен центар, рече Пецаков.

Охрид е град на спортот и културата и затоа во овој мандат продолжи значителна поддршка на спортските клубови, спортистите, културните институции и манифестациите.

-Оваа поддршка годинава доби и историска потврда. ГРК Охрид го освои ЕХФ Европскиот куп и го донесе европското злато во нашиот град. Тоа е најголем успех во историјата на клубот и успех на кој како Охриѓани сме особено горди. Овој успех е потврда дека вложувањето во спортот, поддршката на клубовите и создавањето услови за развој на спортистите носат резултати. Во културата и туризмот продолживме во континуитет да ги развиваме манифестациите кои веќе стануваат препознатлив дел од понудата на Охрид. Успешно се реализира петтото издание на Ohrid Wine Festival, четвртото издание на Ohrid Water Festival и четвртото издание на Ohrid Jazz Festival. Со овие настани создаваме нови содржини за граѓаните и туристите, го збогатуваме културниот и туристичкиот живот и придонесуваме за промоција на Охрид. Паралелно со вложувањата во културата и спортот, продолжуваме одговорно да се грижиме за она што е највредно, нашето природно и културно наследство. Заложбите, посветеноста и заедничката работа на локалната и централната власт, институциите и сите чинители вродија со плод. Искрено се радувам на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот Регион доби дополнителен рок до 2031 година за реализација на препораките. Оваа одлука претставува значајна можност, но и дополнителна одговорност за сите нас. Тоа значи дека во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно со спроведувањето на мерките за заштита на природното и културното наследство, рече Пецаков.

„Првата година од овој мандат е уште една година во која покажавме дека со работа, посветеност и одговорен однос можат да се реализираат конкретни проекти кои го менуваат Охрид. Пред нас е многу работа, нови проекти и нови предизвици. Им благодарам на граѓаните за довербата и поддршката и на сите кои се дел од реализацијата на овие проекти им благодарам за вложениот труд, посветеност и соработка. Продолжуваме посветено, со нашата јасна визија, Охрид да биде современ, функционален и развиен град, со своето заслужено место на светската туристичка мапа“, посочи Пецаков.