Трансплантацијата на срце е извршена кај 66-годишен пациент за кој немало друга алтернатива и чие срце работело со помалку од 20 проценти, а трансплантациите на бубрези се извршени кај двајца 40-годишни пациенти кои оделе на дијализа.

Донор е 42-годишна жена која имала желба да ги донираат органите по смртта.

– Голема благодарност до семејството на починатата пациентка која за жал имаше спонтано крварење во мозокот и беше детектирана мозочна смрт, а сопругот и братот ја испочитуваа нејзината желба која ја искажала уште за време на животот, а тоа е при нејзина евентуална смрт да бидат донирани нејзините органи, изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

Пациентот на кого му е вградено новото срце е на респираторна машина, а веќе од утре треба да започне процесот на будење. Оваа фаза, како што посочи Филипче, е критична, но се надева дека пациентот ќе ја надмине и нема да има позначајни компликации.

Директорот на Клиниката за кардиохирургија Сашко Јовев изјави дека операцијата поминала добро и дека пациентот засега е добар.

– Се надеваме дека така ќе остане и понатаму, рече Јовев.

Изразувајќи благодарност до лекарските тимови, Филипче посочи дека ваквите постапки во делот на трансплантацијата го ставаат нашиот здравствен систем на еднакво рамниште со развиените европски земји.

– Мислам дека ваквите успешни трансплантации многу значат. Се подига свеста кај граѓаните за важоста од органодарителството. И овие чинови на трансплантација практично значат дека еден живот денес е спасен, а на други двајца пациенти животот целосно ќе им биде сменет и не ќе мора повеќе да одат на дијализа, рече Филипче.

За националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова Мијовска, нема поблагороден чин од органодарителството.

– Со самите дела што ги правиме и кампањата што ја започнуваме во однос на подигнување на свеста на органодарителството видиме дека фамилиите разбираат за што зборуваме и знаат дека доколку се работи за мозочна смрт, останува дел од нивниот близок кој ќе работи во друго тело, изјави Мојсова-Мијовска.

Од мај 2020 година досега извршени се експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега и едно коскено ткиво.