Македонски државјанин, возач на камион, предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета на регионалниот пат Солун – Калохори, управувајќи возило под дејство на алкохол.
Според информациите, 49-годишниот возач бил алкотестиран по несреќата, при што му биле измерени вредности од 0,76 и 0,78 милиграми алкохол на литар воздух, што е над дозволеното.
Тој бил уапсен и изведен пред Судот за прекршоци во Солун, каде што бил прогласен за виновен за опасно возење и возење под дејство на алкохол.
Судот му изрекол казна од 15 месеци затвор, која е заменета со парична казна од 10 евра по ден.
Осудениот поднел жалба на пресудата и е пуштен на слобода.
Во својата одбрана изјавил дека при движење закачил ретровизор на паркирано возило.
„Жал ми е, но не можам да го вратам времето назад“, рекол возачот.
