Претседателката ќе учествува на „Лидерскиот панел“ со повеќе светски лидери

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе се обрати на „Лидерскиот панел“ во рамки на Дипломатскиот форум во Анталија. Настанот се одржува од 17 до 19 април и е посветен на темата „Мапирање на иднината, управување со неизвесностите“, информираа од нејзиниот кабинет.

Панелот ќе го модерира Мевлут Чавушоглу. На него се најавени повеќе учесници од различни држави. Меѓу нив се претседателот на Казахстан, Касим – Жомарт Токаев, премиерот на Пакистан, Мухамад Шехбаз Шариф, како и премиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани. Учеството го најави и премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе.

Средба во Истанбул и учество на форум со претставници од 155 земји

Во рамки на посетата на Турција, Сиљановска-Давкова вчера во Истанбул оствари билатерална средба со Реџеп Таип Ердоган. На средбата било констатирано дека односите меѓу двете земји се карактеризираат со пријателство, доверба и меѓусебна поддршка.

Дипломатскиот форум во Анталија се организира од Министерството за надворешни работи на Турција, под покровителство на Реџеп Таип Ердоган. На форумот се најавени учесници од 155 земји. Меѓу нив има 21 шеф на држава и влада, 61 министер, како и десетици парламентарци.