Женскиот и машки јуниорски состав на пингпонгарски клуб Крива Паланка се победници на државниот турнир што се одржа во салата „Бранители 2001″ во текот на вчерашниот ден.
Домаќините од ППК „Крива Паланка” по минатонеделните остварени победи на турнирот во Струмица, ја потврдија доминацијата во јуниорска конкуренција со освојувањето на златните одличја.

Првопласираната екипа на ППК Крива Паланка во женска конкуренција е во состав: Ана Стојановска, Сара А. Стојановска, Деспина Ристовска и Сара Стојановска, додека машкиот шампионски состав го сочинуваат: Александар Јакимовски, Антонио Крстевски, Лука Николов и Андреј Стојановски.
Медалите на победниците им ги врачи градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски кој истакна дека е горд на спортските амбасадори на општината и вети дека во иднина ќе ја имаат неговата поддршка.

-Ги одбранивме минатогодишните златни медали во јуниорската лига. Во крајно неизвесни финални натпревари ја победивме екипата на Крушево со 3:1 (женски) и 3:2 (машки). Благодарност и за поддршката на градоначалникот Сашко Митовски кој ја препознава важната улога на спортот во градењето на капацитетите на младите и спортистите како најдобри амбасадори и промотори на градот, изјави Јорданчо Миневски, претседател на ППК Крива Паланка.

Второто место во двете конкуренции,и во машка и во женска, го освоија екипите на пингпонгарски клуб „Крушево” од Крушево. Трето место во машка конкуренција, јуниори, им припадна на ППК „Астратион” од Струмица, a во женска бронзата ја однесоа крушевчанки.