Фондот на ПИОМ ги демантира наводите за наводна изјава на директорот Никола Мемов дека „доколку се продолжи вака, Фондот нема да издржи“, оценувајќи ги како целосно неточни и паушални.
Од ПИОМ посочуваат дека токму спротивното е вистината, нагласувајќи дека Мемов во сите свои јавни настапи доследно укажувал дека исплатата на пензиите е сигурна и се реализира редовно, секој први во месецот.
„Никогаш не била доведена во прашање стабилноста и одржливоста на Фондот, како и исплатата на пензиите“, наведуваат од ПИОМ.
Оттаму објаснуваат дека сигурноста на исплатата е обезбедена и со постојното законско решение, според кое државата го надополнува евентуалниот недостаток на средства во Фондот. Со тоа, како што посочуваат, државата е директен гарант за сигурната и навремена исплата на пензиите.
Од ПИОМ потсетуваат и на реформата од 2005 година, со која е воведен вториот пензиски столб. Во него, според Фондот, се одлеваат 6 проценти, односно околу една третина од вкупниот придонес за пензиско осигурување, кој изнесува 18,8 отсто од бруто-платата.
При креирањето на системот, додаваат од Фондот, било предвидено дека ќе постои системски недостиг на средства за исплата на пензиите, поради што со Законот за пензиското и инвалидското осигурување е предвидено тој недостаток да се покрива директно од државниот буџет.
Од ПИОМ наведуваат дека раководството и директорот Никола Мемов ги анализирале состојбите во пензискиот систем и ги идентификувале, како што велат, аномалиите кои се провлекуваат со децении и кои влијаат врз неплаќањето на придонесите и неправичностите при определувањето на пензиите.
За овие прашања е изготвена детална анализа, за која во моментов се дискутира во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Фондот истовремено посочува дека и релевантни меѓународни финансиски институции, меѓу кои Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, укажуваат на потребата од реформи на пензиските системи, не само во Македонија, туку и во повеќе земји членки на Европската Унија.
Од ПИОМ појаснуваат дека Фондот нема надлежност за изготвување законски решенија, бидејќи тоа е во надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Фондот, како што наведуваат, може да дава стручни мислења, предлози, анализи и сугестии за подобрување на пензискиот систем и е должен да ги спроведува законските обврски.
„Фондот на ПИОМ во целост ги имплементира и ги поддржува политиките и мерките на Владата во сферата на пензискиот систем“, се наведува во реакцијата.
Од Фондот уште еднаш категорично нагласуваат дека нема изјава од директорот Мемов со која се тврди дека пензискиот систем е нестабилен или дека може да биде доведена во прашање исплатата на пензиите.
Извор: Курир
