Данската фрегата „Esbern Snare“, што патролира во Атлантикот, долж западниот брег на Африка, поради зголемените безбедносни ризици и пиратски напади, вчера испратила хеликоптер како помош во спасување на контејнерски брод нападнат од пирати со глисери кај островот Биоко, во територијалните води на Екваторијална Гвинеја, јавија британските медиуми.
Хеликоптерот следел пиратски брод со шест заложници додека пловеле кон делтата на реката Нигер, но потерата била прекината кога леталото стигнало до територијалните води на Нигерија, бидејќи немало дозвола за влез во оваа земја.
Портпаролот на данската армија изјави дека контејнерскиот брод „Тонсберг“ пловел под либериско знаме, но не потврди кој е операторот на бродот.
Според податоците од глобалната комерцијална база на податоци „Eikon Refinitive“, контејнерскиот брод „Тонсберг“ е управуван од компанија со седиште во Грција.