ГЕРБ на Бојко Борисов победи на парламентарните избори во Бугарија, но пред соседната држава претстојат денови на неизвесност и макотрпни разговори за формирање влада, со оглед дека во новиот парламентарен состав влегуваат дури една третина сосема нови пратеници, од партии и движења кои отворено се спротивставуваа на актуелната владејачка гарнитура.

Ова е сумарно исходот од денешниот изборен ден во Бугарија, каде поради комплексноста на ситуацијата, никој не би сакал да го коментира или прогнозира финалниот исход, односно кој се би можел да влезе во коалиција за формирање нова влада. Голем дел од аналитичарите прогнозираат дека, според распоредот на силите, можно е да бидат распишани нови, предвремени избори.

Слични со предвидувањата на бугарските медиуми и аналитичари се и оние на странските медиуми. „Ројтерс“, на пример, прогнозира дека разговорите за формирање влада би биле тешки и би можеле да траат и неколку недели, а ниту тие не исклучуваат нови избори.

Во таа насока е и изјавата на актуелниот премиер, кој предложи формирање експертски кабинет кој би ја водел државата до излезот од пандемијата до декември, датум по кој според тоа што може да се протолкува од неговата изјава, би требало да се оди на ново пребројување на политичките сили.

Пирова победа на ГЕРБ, БСП најголеми лузери, Слави може да слави.

– Ние нема да коалицираме со ГЕРБ, БСП, ДПС, ниту со оние на војводата шкембар. Ние, за разлика од нив, не лажеме. Ако нема договор, ќе има нови избори, изјави заменик претседателот на движењето предводено од шоуменот Слави Трифонов.

Ни Трифонов не се појави во јавноста, со оправдување дека имал симптоми на ковид и бил во изолација, па на својот Фејсбук профил само протоколарно ги пофали граѓаните за изборот.

За разлика од него, заменик-претседателот на движењето „Постои таков народ“, Ташко Јорданов, навести дека излезот би бил во спроведување на нови избори, со оглед дека тие не би соработувале со ниту една од најголемите партии.

– Ние нема да коалицираме со ГЕРБ, БСП, ДПС, ниту со оние на војводата шкембар. Ние, за разлика од нив, не лажеме. Ако нема договор, ќе има нови избори, изјави Јорданов за ТВ 7/8 на неговиот лидер Слави Трифонов.

Од „Движењето за права и слободи“ (партија на Турците), кое според „Алфа рисрч“ би имало 30 пратеници немаа прецизен одговор на новинарско прашање дали би коалицирале со ГЕРБ доколку добијат таква понуда од Борисов. Како што рекоа, нивните ставови ги искажале во кампањата претходно, а за понатаму ќе ги почекаат официјалните резултати бидејќи не сакаат да даваат анализи на анализите кои ги прават други, мислејќи на агенциите.

Поранешниот министер за правда, Христо Иванов, предводник на „Демократска Бугарија“, исто така немаше прецизен коментар за понатамошниот развој на настаните, но порача дека тие ќе се залагаат за тоа Борисов да остане без власт. Според „Алфа рисрч“, Демократска Бугарија би имала 27 пратеници.

Задоволство од резултатите, иако неофицијални, изрази поранешната народна правобранителка Маја Манолова, лидерка на „Исправи се, и кажи“. Во онлајн студиото на бугарски „Дневник“ таа изјави дека не би коалицирала со Борисов и посочи дека нивни партнери остануваат Слави Трифонов и Демократска Бугарија на Иванов. Проекциите за нејзината партија се дека во парламентот ќе има група од 13 пратеници.

Ова се први избори во Бугарија во време на пандемија, а за 240 места во парламентот се бореа 6 895 кандидати од 30 партии и коалиции.