Што заедничко ќе имаат задутре македонските и бугарските политичари на чествувањето на Гоце Делчев? Дали ќе го чествуваат како Македонец и апостол на македонското револуционерно движење, кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската империја како чекор кон независна македонска држава со Македонци или како Бугарин, кој се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија т. е. за Македонија како дел од бугарската држава?!

Ова се суштинските прашања, што ги поставува група еминентни македонски историчари, во отворено писмо до македонската јавност и политичари пред најавеното заедничко македонско-бугарско чествување на 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Писмото го пренесуваме во целост.

Во повеќе наврати преку јавните медиуми го искажавме нашиот став околу Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кои се асиметрични и на штета на македонскиот национален идентитет. И покрај укажувањата, политичките гарнитури водат своја агенда која полека, но сигурно води кон рекомпонирање на македонскиот идентит, а со тоа и на јазикот, културата и колективната меморија. Се „уморивме“ од постојани писанија и укажувања дека владеачката политичка структура води анационална политика додворувајќи се на Бугарија и прифаќајќи работи кои ниту една држава во светот не би прифатила – сопственото разнебитување. Во тој контекст деновиве добивме информација од бугарска страна за „заедничко чествување на Гоце Делчев“. Од македонска страна се уште молк. Кон ова треба да се додаде и барањето за некаква „заедничка бугарско-македонска историја“, кои излегуваат надвор од научните рамки на историската методологија.
Барањето за „заедничка историја“ е во спротивност со правото на самоопределување на секој народ, кој има сопствена колективна меморија која никој не може да ја избрише. Историјата и нацијата не се создаваат со декрет. Македонскиот народ има своја долга колективна меморија, свој јазик, традиција и култура, кои произлегуваат од неговото повеќевековно опстојување. Личностите и настаните кои оставиле печат во меморијата на Македонците, живите поколенија ги чествуваат со особена гордост и истото го пренесуваат на идните генерации. Во овие рамки е и чествувањето на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, кој се жртвуваше за слободата на Македонија и кој припаѓа на Македонија и македонскиот народ.

За да чествувате нешто заедно треба да Ве спојува заедничка историја и заедничка идеја. А бидејќи македонската и бугарската историја и идеја се две различни истории и две различни идеи не може да стане збор за заедничка историја.

Во случајот да се чествува Гоце Делчев како Македонец, кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската империја како чекор кон независна македонска држава со Македонци им припаѓа на Македонците. Тоа треба секој да го почитува и респектира. Секоја добронамерна делегација од било која земја, па и Бугарија, во рамките на македонскиот протокол може да дојде и да положи венец или цвеќе на гробот на Гоце Делчев, како припадник на колективна меморија на Македонците и чие име се пренесува од генерација на генерација, а што не е случај со бугарската колективна меморија.

Се поставува прашањето што во суштина би чествувале заедно.

Бугарското чествување ќе биде во рамките на досегашните бугарски политички историски изјави дека Гоце Делчев е Бугарин и дека се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија т. е. Македонија како дел од бугарската држава. Се поставува прашањето што е тука заедничко. НИШТО. Дури е и навредливо. На „домаќинот“ –Македонците-да им кажуваат на нивни „терен“ дека Бугарија не го признава нивниот идентитет, јазик, култура и колективна меморија и дека тие седумдесет години живеат во заблуда дека се однародени Бугари од страна на комунистичкиот систем на поранешна СФРЈ и „диктаторот“ Тито и создадени со декрет. Поголема историска и политичка перверзија не постои во светот.

Дали „заедничното чествување“ е аминувано од страна на македонскиот дел од Комисијата за историски прашања и образование и е резултат на работата на двете Комисии за да и се угоди на политиката?!

За жал, повторно политиката ја презема палката за историјата во свои раце (а нели истата не се меша во работата на Комисиите) и донесува политичко-историски одлуки, кои немаат никаква историска оправданост. Наместо историјата да им се остави на историчарите (научни собири, конференции, размена на научни работници, дебати) на македонските политичари, на кои секако им се брза, а притоа и сервилни кон бугарските барања, не почитувајќи ја историската методологија, диктираат што и како ќе се чествува. И тоа се поради уцените од Бугарија. Ни „перде ни срам“ како од сервилните политичари, така и од членовите на македонската Комисија. Тие молчат, како и обично, а карванот си врви и се реализираат бугарските сценарија – целосно пазарење и распродажба на се што е македонско идентитет, јазик, култура и колективна меморија.

Уште еднаш, веќе е досадно да се повторува: Оставете ја историјата на историчарите, како политичари правете само поголема штета како резултат на Вашето незнаење. Не ја потценувајте сопствената историја и историчари. Генерации наназад оставиле трајни сведоштва за македонската опстојба низ вековите. Сето тоа е преточено во томови монографии, зборници на документи, статии и сл. во домашни и странски списанија. Тие самите по себе се доказ за вековната опстојба на Македонците низ историјата со свој идентитет, јазик, култура и колективна меморија. Тоа никој и никогаш не може да го избрише. Се друго е политиканство за реализирање на одредени цели. Тоа книжно богатство ќе остане како вечен пламен за милиенумската опстојба на Македонците низ историјата како посебен народ, јазик, култура и колективна меморија.
Сакал тоа некој да го прифати или не, тоа е негов проблем, НИЕ СМЕ ТУКА ВО МАКЕДОНИЈА КАКО МАКЕДОНЦИ СО СВОЈ ИДЕНТИТ, ЈАЗИК, КУЛТУРА И КОЛЕКТИВНА МЕМОРИЈА. МИЛЕНИУМСКОТО ОПСТОЈУВАЊЕ ПРОДОЛЖУВА… Сето она што Комисии ќе го направит нема да има никакво влијание врз опстојбата на Македонците, а македонската Комисија со својата сервилност, еден ден ќе си го најде своето место на буништето на историја, а македонизмот ќе ги надживее, а тие со ништо нема да може да се „исперат“.

Ги повикуваме политичарите да ги тргнат рацете од историјата.

Атанасовски Александар
Ачкоска Виолета
Аџиевски Коста
Божиновска Валернтина
Велев Илија
Донев Јованче
Жежов Никола
Јосифовска Катица
Јосимовска Верица
Јурукова Нада
Котлар Наташа

Марковски Благоја
Миноски Михајло
Миновски Константин
Најдовски-Перин Ицо
Николова Соња
Панов Митко
Панова Маја
Светозаревиќ Бранислав
Чепреганов Тодор
Чакарјаневски Ѓорѓи
Филипоски Тони
Теон Џинго
Нетков Мишко