Постојаните врнежи од дожд во последните три недели најверојатно се причината поради која тројцата моторџии се заглавиле во кал на Плачковицa, смета планинарот Мартин Каровски. Тој забележува дека кога се оди во планина или пак се вози со возило и мотоцикл, треба да се внимава на временските услови, што важи без разлика дали е пеш или со возило.
– Во однос на последните случувања луѓето најверојатно го заборавиле фактот дека последните три недели имаше континуирана циклонска активност, каде постојано 24 часа имавме врнежи од дожд. Тоа значи дека почвата е презаситена од вода, особено оние некатегоризирани патишта по кои се движат возила или мотоцикли, но и онаму каде нема вегетација, па водата е уште помалку апсорбирана и отежнато е движењето слично или идентично како по снег, вели Каровски.
Тој нагласува дека оние кои сакаат да одат низ планина треба да бидат психо-физички подготвени. Ако во котлините е пролет, голема е веројатноста на планината сѐ уште да е зима, дециден е Каровски.
– Со доаѓањето на пролетта во котлините, не значи дека е дојдена пролетта и на планините. Зависно од надморската височина, во Македонија на некои планини може снегот да се задржи и до месец јуни и јули. Секогаш луѓето пред да заминат во планина треба да го имаат предвид фактот дали се психо-физички спремни. Таа физичка подготвеност не значи само дали можам да се искачам на замислената дестинација, туку дали сум спремен и да се вратам од таму, вели Каровски.
Тој советува секогаш кога ќе се тргне на планина во групата да се има искусен планинар или водич и со себе да се има опрема. Според него, во овој период од годината задолжително треба да се носи зимска опрема, бидејќи луѓето секогаш треба да бидат подготвени на радиклани промени кои може да се случат на планина. Од планинарските клубови посочуваат дека вакви случаи на годишно ниво има од 10 до 15.