ЗАГРЕБ – Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека Хрватска е исклучиво транзитна земја за украинско жито и нема да увезува поевтини украински житарки, откако три членки на Европската унија одлучија да го продолжат ембаргото за увоз на храна од Украина.

Пленковиќ рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинските министри биле јасно информирани дека, како што наведе, „позицијата и желбата на Хрватска е да биде транзитна земја, а не земја во која од Украина ќе доаѓаат огромни количини на поевтино жито од нашето, така што нашите земјоделците се во неволја“.

Полска, Унгарија и Словачка во петокот одлучија да воведат еднострана забрана за увоз на украинско жито и други производи од таа земја, а Пленковиќ рече дека „очигледно е дека овие земји забележале дека дел од тоа жито е пласирано на нивниот пазар“.

На прашањето дали Хрватска ќе оди во таа насока, Пленковиќ повтори дека хрватските пристаништа се користат за транзит на украинско жито во трети земји. Високи украински претставници во септември потврдија дека украинското жито се транспортира преку хрватските пристаништа на Дунав и Јадранското Море. Главната извозна рута на Украина минуваше низ нејзините црноморски пристаништа, но Киев бара алтернатива за руската инвазија и одлуката на Москва да се повлече од Црноморскиот договор за жито.
ЕУ одлучи да и помогне на Украина преку воспоставување коридор за солидарност.

„Целата идеја за солидарниот коридор е дизајнирана така што, и покрај бруталната руска агресија врз Украина, да може да се извезат огромни количини украинско жито од Украина“, рече Пленковиќ, пренесе Хина.