Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави дека засега нема извештаи за сериозни штети од земјотресот што утринава се случи на островот Крк со интензитет од 4,8 степени според Рихтеровата скала.
„Според информациите со кои моментално располагаме, нема извештаи за сериозни штети, а Владата и сите служби се достапни доколку тоа биде потребно“, изјави Пленковиќ. Сеизмолошката служба на Хрватска соопшти дека утрово во 10 часот и 47 минути е регистриран земјотрес со интензитет од 4,8 степени со епицентар кај Башчанска Драга на Крк.
Земјотресот е почувствуван во поширокото подрачје на Кварнер и Истра, но и во централните делови на државата.