Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска пристигна во Киев на средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и претседателот на Врховната Рада Руслан Стефанчук, соопшти владата.
Премиерот Пленковиќ е придружуван од министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман и Звонимир Фрка-Петешиќ, шеф на кабинетот на премиерот.
„Хрватска знае како е да се биде под воена агресија и продолжува да обезбедува политичка, дипломатска, финансиска, хуманитарна, техничка и каква било друга можна поддршка на Украина, како и помош во грижата за украинските бегалци“, соопшти хравтската Влада.
Украинскиот државен врв на средбите ќе го информира премиерот за последиците од уништувањето предизвикано од руските напади, а ќе се разговара и за натамошната помош и продолжување на европскиот пат на Украина.
Посетата на премиерот на Украина се случува во пресрет на Денот на Европа и е израз на солидарност и поддршка за украинските власти и пријателскиот украински народ, кои се жртви на бруталната руска агресија, се вели во соопштението на владата.