Поранешниот секретар за безбедност, Џон Ли, е избран за нов извршен директор на административниот регион Хонг Конг, како единствен кандидат, јави ДПА.

Прокинескиот изборен комитет, во кој има околу 1.500 членови, денеска гласаше за наследникот на извршната директорка во заминување Кери Лам.

Овој 64-годишник се смета за политички тврдолинијаш и е познат по неговата апсолутна лојалност кон кинеската централна влада. Во Хонг Конг тој важи за многу контроверзна личност, особено поради неговата активна улога во задушувањето на продемократските демонстрации во 2019 година.

Ли денеска беше избран за нов шеф на извршната власт во Хонг Конг откако за него гласале 1.416 членови на изборната комисија, што е многу повеќе од 751 колку што беа потребни за да биде избран.