Директорот на ЗЗС и Музеј на град Штип, Штерјов истакна дека со средства од Програмата за рамномерен регионален развој ќе се реализираат два големи проекта од областа на културата во општините Штип и Карбинци. Посочи дека минатата година имале конезерваторски истражувања на Саат кулата, кои им помогнале да направат проект и техничка документација, за Општина Штип да може да конкурира за реализација и добивање на средства од Бирото и Министерството за локална самоуправа.

– Значи ќе се конзервира Саат кулата, ќе се изградат внатрешните скали и ќе проработи механизмот, односно саатот и верувам дека сите граѓани ќе бидат задоволни, бидејќи културниот споменик, кој е препознатлив во градот, конечно ќе проработи, после долги години. Последните работи што се извршувани во оваа Саат кула се во 1934 година. Тоа значи дека по 90 години оваа Саат кула ќе проработи, вели Штерјов.

Посочи дека во овој проект влегува и осветлувањето, оградување и поставување на туристичка сигнализација на доцно античкиот град „Баргала“, кој се наоѓа во Општина Карбинци.

Штипскиот градоначалник, Николов појасни дека на Советот на градоначалници на Источно-планскиот регион едногласна била донесена одлуката, за овој регионален проект.

– На дополнетата листа на проекти, како прв проект е нашиот заеднички проект на Штип и Карбинци. Вкупната вредност на проектот изнесува повеќе од 11 милиони денари, а реставрацијата и новиот механизам на часовникот на Саат кулата ќе чини повеќе од пет милиони денари, рече Николов.

Штипската Саат кула е изградена во 17 век, како беговска куќа и стражарница, а втората половина на 19 век станува Саат кула. Со реставрацијата ќе се зачува изгледот, но и внатрешно ќе се обнови и новиот механизам на часовникот ќе се поврзе со камбаната.

Директорот на ЗЗС и музеј на град-Штип, Штерјов вели дека на територија на Штип има над 15 споменици на културата, кои треба да се конзервираат, почнувајќи од тврдината „Исар“, спомен куќите, како и куќите во штипско Ново Село, црквите, какошто е Свети Илија, Свети Спас.