Претседателот на Собранието Талат Џафери оцени дека е нецелисходно да се одржат пратеничките прашања, бидејќи Владата е во оставка и тоа, рече, е воспоставена практика од минатото.
На одложувањето на седницата за пратенички прашања процедурално реагираше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот Никола Мицевски, оцени дека ова е уште еден обид за бегање на претставниците на Владата од одговорност за, како што рече, катастрофалните политики, криминалот и корупцијата.
– Денеска требаше да се одржи 55. седница за поставување пратенички прашања, на која нема претставници на Влада. Она што нас не загрижува и она што Владата упорно се обидува да го забошоти е делот од Уставот каде во член 93 покрај другите ставови каде е регулирана оставката на Владата, ставот 5 вели дека Владата на која и е изгласана недоверба, поднела оставка или на која мандатот и претстанал поради распуштање на Собранието останува на должност до избор на нова влада. Тоа е она за што ние зборуваме, во правото постои институт влада во оставка, тоа е влада која треба да раководи со државата во наредниот период до избор на нова согласно роковите и деловникот што го имаме, рече Мицевски.
Според него, откажувањето на оваа седница е уште еден доказ плус за нетранспарентноста на работата на Владата и за нејзините постојани обиди да побегне од одговорност и давање одговори за лошото работење работата. Од мандат од 17 месеци на оваа Влада, ние, рече тој, има одржано само осум седници за пратенички прашања .
Мицевски побара одговор од Џафери како може владините претставници да можат да образложуваат закони на други собраниски седници, а не може да одговараат на пратенички прашања.
– Само денеска има закажани четири седници на кои треба да дојдат и присуствуваат истите министри на кои вие денеска им забранивте да дојдат на седница за пратенички прашања, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери одговори дека е некоректно да се мешаат работи по однос на состојба на распуштање на Собрание и по однос на оставка на премиер, односно Влада.
– Тоа не се исти состојби. Распуштање на Собрание не подразбира и престанок на мандат на Владата, туку таа продолжува до изборот на нова влада. По оставка на премиер, следува оставка на цела Влада, а според процедурите и членовите 219 и 220 од Деловникот, Собранието констатира престанок на мандат на Владата, а таа Влада на која и престанува мандат по однос на оставка на премиер по член 93 од Уставот е должна да продолжи да врши работи до избор на нова Влада. Искуствено од претходните мандати и периоди на работа на Собранието никогаш не се случувало на Влада која дала соатавка да и се поставуваат пратенички прашања, рече Џафери.
Собранието на Република Македонија денеска ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев. Оставката беше констатирана без Заев усно да ја образложи. Оставката на премиерот повлекува оставка и на целата Влада.
Оставката на премерската функција Заев ја поднесе вчера до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Во доставената оставка Заев наведе дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.
На премиерската функција Заев беше од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.
Со констатирањето на оставката почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада.