Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на седницата на Националниот совет за евроинтеграции што се одржа во вторникот рече дека секое решение до кое би дошле Македонија и Бугарија, а кое би овозможило кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјава со ЕУ, би требало да дојде пред пратениците во Собранието, на што се согласија пратениците и од опозицијата и од власта.

Џафери појасни дека во нашиот систем за надворешните односи и надворешната политика е надлежна извршната власт, а Собранието си го направи своето со резолуцијата за црвените линии во преговорите, но нема да бега од тоа доколку дојде формален предлог секое решение со Бугарија да помине во Собранието.

Џафери, во врска со тоа кога би се нашле на дневен ред на собраниска седница договорите од „Отворен Балкан“, што беа потпишани во вторникот во Тирана, а треба да се ратификуваат во парламентите во сите три земји, рече дека ако имаат карактер меѓународни договори ќе треба да се достават до Собранието за ратификација.

– Обично по тие прашања немало проблем во процедурата во Собранието, во смисла донесување на време. Во секој момент кога и да се достават, по доставување на материјалите на наредна седница ќе бидат предмет на разгледување и тука нема спор во процедурата и во надлежностите на Собранието, посочи Џафери.

Тој е задоволен од работата на Собранието изминатава година, со оглед на ситуацијата со коронавирусот и локалните избори.

– Ќе биде ажурирана анализата на овој мандат, одржани седници, предвидени точки, поминати точки и заостанати точки и зошто се заостанати тие точки. Нема причина да не бидам задоволен од работата на Собранието. На пример, ако оваа година покрај сите овие работи имало 123 дена работни на седници. Организациски земете во просек кој било Парламент колку работни денови има во текот на една календарска година и да се направи споредба, истакна Џафери на брифингот со новинарите.

Годинава во Собранието имало 60 координации, 123 седници, девет претседателства, 152 други активности, по 63 билатерални и мултилатерални активности…

Во однос на Комисијата за избори и именувања, која треба да предложи уставни судии, Џафери рече дека тој може да свика седница за избор на уставни судии, но тоа би било залудно, бидејќи членовите на Комисијата за избори и именувања не дале предлози.

– На секоја координација укажувам дека тоа треба да се заврши. Процедурата е таа, тие не избираат, тие предлагаат. Ако нема претседател, тоа не значи дека Комисијата не може да работи. Тие треба да излезат со предлози за кандидати, рече Џафери на денешниот брифинг со новинарите, последен за оваа година.