Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го посетил Археолошкиот музеј во Скопје, каде што разговарале за унапредување на институционалната соработка и зајакнување на безбедноста на културните добра. Тој посочил дека неодамнешните кражби на вредни историски и археолошки предмети од музеи во повеќе европски земји потсетуваат на значењето на заштитата на наследството и навременото преземање превентивни мерки.

„Токму на оваа тема денеска разговаравме при мојата посета на Археолошкиот музеј во Скопје, каде што ги разгледавме можностите за унапредување на институционалната соработка и зајакнување на безбедноста на културните добра“, напиша Тошковски.

Тој истакнал дека Македонија располага со богато археолошко и културно наследство, кое сведочи за долгата и разновидна историја на овие простори.

„Секој археолошки предмет, секој историски артефакт е дел од нашата колективна меморија и културен идентитет, богатство кое имаме обврска да го зачуваме за идните генерации“, навел министерот.

Тошковски оценил дека заштитата на културното наследство е и безбедносно прашање. Спречувањето кражби, нелегална трговија со културни добра и други облици на загрозување, според него, бара постојана будност, превенција и координирано дејствување на надлежните институции.

„Заштитата на ова непроценливо богатство не е само прашање на културата, туку и важно безбедносно прашање“, истакнал Тошковски.