Членот на извршниот комитет на СДСМ, Рубин Земон, поднесе оставка од функцијата.
– Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципелните напади кон мене, а со тоа не бирајќи средства да го инволвираат и моето семејство, а со цел да не бидам терет на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член ИО на СДСМ. – напиша Земон на социјалната мрежа Фејсбук

Инаку, непринципиелноста на медиумите за која зборува Земон се состои од тоа што тие реобјавија фотографија која беше објавена од страна на фондацијата на бугарскиот екстремист и провокатор, Виктор Стојанов.
Инаку, проверката на фактите кажува дека ниту еден медиум во ниту еден момент не го споменал семејството на Земон.
Претходно, членот на извршниот комитет на СДСМ, Рубин Земон, реагираше на објавата фотографија помеѓу него со бугарскиот провокатор Виктор Стојанов.
Тој пред медиумите се правда дека средбата со Стојанов била случајна во трговски центар во Софија.
Медиумите ги нарекува “курирци”, кои оркестрирано го напаѓале. Средбата била пред петнаесетина дена.
– Со мојот син седевме во трговски центар во Софија кога ми пријдоа луѓето, ми кажаа дека ме препознале кој сум и прашаа дали може да седнат со нас на кафе и да направат фотографија. Првично не знаев дека станува збор за луѓе од фондацијата. Кратко поразговаравме за случувањата во двете земји и тоа беше сѐ. – изјавил Рубин Земон за мкд.мк.
Интересно е дека периодот за кој говори Земон дека се случила средбата, кореспондира со периодот кога Земон изјави дека Гоце Делчев е минорна фигура од македонската историја.
Со реакција се јави и Виктор Стојанов од Софија, чија реакција нема да ја објавиме затоа што изобилува со вулгарности кон Македонскиот народ, говор на омраза и закани со затвор за новинарите кои ја објавиле нивната слика.
Претходно, Радио Лидер објави дека висок функционер на СДСМ на средба со познатиот провокатор Виктор Стојанов.
Членот на извршниот комитет на СДСМ, Рубин Земон, на неофицијална средба со провокаторот Виктор Стојанов од фондацијата Македонија од Софија.
На Стојанов, токму во време на СДСМ му беше забранет влез во Македонија, поради ширење на говор на омраза против македонскиот народ.
Сега, на фејсбук страницата на неговата организација беше поставена сликата со Земон, со образложение дека анти-македонската организација му дава поддршка на СДСМ во борбата против Мицкоски.
– На неформална средба со Рубин Земон – дел од раководството на опозициската СДСМ и претставник на Египќаните во Република Северна Македонија. Мнозинството граѓани на земјата ќе се спротивстават на режимот на Мицкоски, а ние од Европската Унија ќе им дадеме поддршка: во име на европската иднина на Северна Македонија и децата таму. – стои во објавата на фондација Македонија.
Кратко по поставувањето, објавата беше избришана, но Радио Лидер зачува скриншот:
Виктор Стојанов подолго време е предводник на негирањето на македонскиот народ од Софија.
Професорот Рубин Земон е едно од последните кадровски засилувања на СДСМ.
