По вчерашното затишје, утринава на електронските адреси на 15 училишта во Скопје пристигнаа дојави за поставени експлозивни направи. Сепак, МВР информира дека и денешните дојави се лажни.

Откако ги направи потребните антитерористички проверки, Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека се лажни и денешните дојави за бомби кои на своите електронски адреси утринава ги добија 15 учлилишта во Скопје.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од Министерството за внатрешни работи.

По вчерашното затишје, утринава на електронските адреси на 15 училишта во Скопје пристигнаа дојави за поставени експлозивни направи. Станува збор за дојави во најголем број училишта во главниот град досега.

МВР не прецизира кои се училиштата кои добиле заканувачки мејлови за поставени експлозиви, но според дел од објавите во медиумите, дел од училиштата се и гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Герги Димитров“ и средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

Во понеделникот, дојави за поставени експлозивни направи беа испратени електронските адреси на девет училишта, како и на Министерството за надворешни работи, ГТЦ, „Џевахир сити“ и ТЦ „Ист гејт“. По извршените антитерористички проверки беше утврдено дека дојавите се лажни.

Премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања изјави дека е речиси невозможно да се утврди од каде доаѓаат дојавите за бомби, бидејќи се испраќаат од т.н. ВПН-адреси (виртуелни приватни мрежи) кои се хостирани во странство.