Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Кисела Вода побара итна седница по несреќата на градилиште во Скопје, во која едно лице загина, а тројца се повредени.
Координаторката на советничката група, Даниела Настова-Пиштолова, изрази сочувство до семејството на загинатиот и им посака брзо закрепнување на повредените, нагласувајќи дека трагедијата не смее да помине без одговорност.
СДСМ предлага Советот да донесе одлука за формирање независна стручна комисија која ќе ги провери сите издадени одобренија за градба на територијата на општината. Дополнително, бараат итно воведување мораториум на градежните активности сè додека не се утврди дека тие се безбедни и во согласност со законите.
Меѓу барањата се и целосна транспарентност преку јавно објавување на сите документи, дозволи и наоди поврзани со градбите, како и проценка на ризикот со можност за евакуација на лица и објекти доколку е потребно.
„Ова не е прашање на политика, туку прашање на безбедност и човечки животи“, изјави Настова-Пиштолова, додавајќи дека треба да се преземат мерки за санација на последиците и да се обезбеди поддршка за погодените.
Според неа, случајот отвора сериозни прашања за почитувањето на прописите и за улогата на институциите.
