По повеќе од 30 години домашна сопственост, еден од најпознатите македонски трговски брендови влегува во нова сопственичка ера.

Малопродажниот бизнис на „Тинекс“ официјално е преземен од косовската компанија „Проекс Интернационал“ од Приштина. Промената е реализирана преку новоформираното друштво „Тинекс Маркет“ ДООЕЛ Скопје, кое го презема работењето на досегашниот „Тинекс-МТ“.

Со трансакцијата се опфатени маркетите и активностите што досега работеа под брендовите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.

Промената на сопственикот доаѓа откако Комисијата за заштита на конкуренцијата на 25 август годинава даде зелено светло за концентрацијата и преземањето на контролата од страна на „Проекс Интернационал“.

Ново раководство

Заедно со сопственичката промена доаѓа и промена во управувањето со компанијата.

Нов управител на „Тинекс Маркет“ е Лиридон Бериша од Косово, кој доаѓа на местото на Кристина Тодоровиќ-Николиќ.

Бериша има искуство во малопродажбата и логистиката. Од 2020 година е на позиција извршен директор за логистика во „Interex Supermarket“, додека претходно бил директор за маркетинг во „Viva Fresh Store“.

Новиот сопственик, „Проекс Интернационал“, е компанија со седиште во Приштина и работи во малопродажба, главно со прехранбени производи, пијалаци и тутун.

Компанијата е дел од „Проекс група“, која покрај малопродажбата има активности и во увозот и дистрибуцијата на стоки за широка потрошувачка, логистиката, складирањето, како и трговијата и дистрибуцијата на нафтени деривати.

„Тинекс“ со пад на приходите и загуба

Сопственичката промена се случува во период во кој „Тинекс“ се соочува со значително влошување на финансиските резултати.

Компанијата во 2025 година остварила приходи од 5,31 милијарди денари, што е околу 16,5 проценти помалку во споредба со претходната година.

Дополнително, приходите од продажба на производи бележат пад од приближно 16,5 проценти.

На крајот на годината, „Тинекс“ прикажал и нето-загуба од 217 милиони денари.

Со преземањето од страна на „Проекс Интернационал“, познатиот македонски малопродажен синџир започнува ново поглавје, со нов сопственик и ново раководство.