Погрешна е формулацијата негативно мислење која се најде во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, велат од Министерството за правда откако реакции во јавноста предизвика доставениот текст во Собранието.

Оттаму уверуваат дека грешката ќе се корегира во амандманската собраниска расправа и посочуваат дека целосно ги поддржуваат новинарски слободи и права и дека сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.

-Министерството за правда ја информира јавноста дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење”, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа. Министерството за правда целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.

Во членот 6 од предлогот на овој закон, во делот одговорност за навреда и клевета пишува: „За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ реагираа дека според нив, барањето на власта за навреда да одговара секој кој што ќе искаже негативно мислење е доказ дека Македонија е заробена држава.

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета го предлага Владата, преку Министерството за правда, влезе во собраниска процедура. Пред Комисијата за европски прашања се најде во четвртокот.