Ќе се доградат зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура

По повеќе од шест години стагнација, ќе продолжи изградбата на објектите за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Денеска беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Министерството за образование и наука, УКИМ, Градежниот факултет и СОЗР. Преку институционална координација ќе се продолжи изградбата на овие две клучни образовни институции.

Зградите стојат незавршени од 2019 година

Изградбата започна во 2015 година, но е запрена во 2019, со што објектите останаа на ниво на карабина. Министерката за образование Весна Јаневска информираше дека изминатиот период поминал без никакви теренски активности, дозволата за градба е истечена, а дел од законските регулативи се изменети, што дополнително ја усложни ситуацијата.

„Создаваме работна група која ќе направи увид во состојбата на објектите, ќе ја прегледа достапната техничка документација и ќе дефинира модел за продолжување на изградбата“, изјави Јаневска.

Без финансиски импликации, но со сериозна ангажираност

Меморандумот не предвидува директно финансирање, туку координација и експертска поддршка од академската заедница, особено од Градежниот факултет, кој ќе ја предводи работната група. Во неа ќе се вклучат и Архитектонскиот факултет, ИЗИИС, Електрофакултетот и Машинскиот факултет, со цел да се искористи целокупниот академски капацитет.

Проекти стари повеќе од 10 години – се планира нов тендер

Сегашните проекти се застарени, па до крајот на годината се планира постапка за јавна набавка со нови, современи проекти. Потоа ќе следи избор на најповолен изведувач, а сѐ уште не е јасно дали изградбата ќе се реализира паралелно за двата објекта или поединечно.

Мицкоски: Ќе ги довршиме и ФИНКИ и Факултетот за физичка култура

Финансиската рамка до сега

  • Проектирана вредност на ФИНКИ: 784 милиони денари

    • Реализирани: околу 40%, односно 310 милиони денари

  • Проектирана вредност на Факултетот за физичка култура: 432 милиони денари

    • Реализирани: 16,9%, односно 73 милиони денари

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, нагласи дека зградите се од суштинско значење бидејќи ФИНКИ располага со повеќе од 5.000 студенти, кои моментално работат во привремени простории, додека Факултетот за физичка култура функционира во супстандардни услови.

„Ова не е само прашање на инфраструктура, туку на квалитет во образованието и достоинствени услови за наставен кадар и студенти“, рече Ангелова.