Пожарот што три дена гореше во атарот на кавадаречкото село Раец е целосно изгаснат, соопшти вечерва градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Тој истакна дека огнената стихија е совладана по непрекината, макотрпна и пожртвувана работа.

Според Јанчев, справувањето со пожарот уште еднаш покажало дека со обединетост може да се одговори и на најголемите предизвици. Градоначалникот им се заблагодари на противпожарните единици, државните институции, јавните претпријатија, полицијата, Армијата и здравствените служби кои учествуваа во интервенцијата.

Благодарност упати и до доброволните противпожарни друштва, како и до доброволците и жителите на Раец и Дреново. Тој нагласи дека нивната храброст, пожртвуваност и несебична поддршка биле од непроценливо значење за успешно надминување на состојбата.