Министерството за здравство ќе испитува дали имало лекарска грешка во лекувањето на 19-годишната Станка Михајлова, која според нејзиното семејство останала неподвижна по породување со царски рез во Клиничката болница во Штип кон крајот на јуни. Нареден е вонреден инспекциски надзор, а по добивањето на наодот и медицинската документација ќе биде инициран и стручен надзор над постапувањето на здравствените работници и установите вклучени во случајот.

„Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор. По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи вклучени во случајот“, соопшти Министерството за здравство.

Свекорот на Михајлова, Велибран Стојанов, преку видео објавено на Фејсбук ја сподели состојбата на неговата снаа и побара одговорност. Тој тврди дека семејството во изминатиот период било препраќано од една во друга болница, а дека пациентката во еден момент била пуштена дома иако не можела нормално да се движи. По објавувањето на видеото, таа повторно била примена во болница.

„Прво ја однесовме во Струмица на Гинекологија, ни кажаа дека немало анестезиолог морало да оди за Скопје. Потоа, се одлучи во Штип да ја однесат со брза помош. Ја однесоа таму, чекавме, ја породија со царски рез и ние не знаевме што се случува со неа. Ни кажаа дека таа е добро и бебето е добро. Си дојдовме, разговаравме со снаата како е. Ни кажаа дека и се дрват нозете, нема осет за нозете… Ни се јавија да ја земеме снаата, ама таа не можеше да движи како што треба“, изјави Стојанов.

Според него, по повеќе прегледи и препраќања меѓу здравствени установи, на семејството му било кажано дека Станка би можела да остане неподвижна. Тој тврди и дека во Штип првично не сакале повторно да ја примат, но тоа се променило откако почнал да пренесува во живо на социјалните мрежи.

„Вчера во Штип не ја примија сакаа да си дојдеме дома и јас уклучив лајв. Ми рече некој од таму да не снимам. Потоа ја примија на Неврологија па мене ме смируваа“, рече Стојанов.

На семејството, како што наведува тој, му било посочено дека доколку физикалната терапија не даде резултат, пациентката можеби ќе треба да биде испратена на лекување во Турција или Германија. Точната причина за нејзината состојба засега не е официјално утврдена, а институциите најавија дека ќе ги испитаат сите околности.