Јавното комунално претпријатие „Стандард“ попладнево упати апел до дебарчани да ја користат водата одговорно и исклучиво за неопходни потреби.

– Свесни сме дека во изминатите денови и недели голем број жители во неколку населби од градот се соочуваат со недостиг на вода за пиење. Целосно го разбираме незадоволството и тешкотиите што оваа состојба ги предизвикува, но сите заедно треба да помогнеме во оваа ситуација. Од први јули воведовме четири, а потоа и петчасовна рестрикција, во населбите „Венец 1“ „Венец 2“ „Тараник“ и Ќернаница, но проблемот станува се посериозен, бидејќи во делови на градот вода нема и повеќе часови, посебно во повисоките катови на станбените згради, велат од претпријатието.

Од јавното претпријатие ги замолуваат граѓаните да не ја користат водата за наводнување на градини, полнење на базени, миење на дворови и тротоари.

– Секоја друга употреба што не е од суштинска потреба и се смета за злоупотреба, а заштеден литар вода помага повеќе семејства да имаат пристап до вода за пиење во овој период, велат од јавното претпријатие.

Освен во градот рестрикција има и во Долно Косоврасти, каде се наоѓа и бањскиот локалитет и тоа од 10 до 13 часот.

Претпријатието стопанисува со водоводот Росоки – Дебар, кој црпи вода од изворите во село Росоки, Мала Река и една од најквалитетните во Европа.

Според надлежните, во главниот резервоар пристигнува вода за над 40 илјади жители, градот нема повеќе од 10 илјади, и дополнително неколку илјади, од крајот на јули до средината на август кога доаѓаа иселениците. За жал, констатираат, години на ред во летниот период се воведуваат рестрикции поради злоупотреба на водата, дополнително голем број потрошувачи не ги намируваат сметките а има и диви приклучоци.