Епицентарот бил во морето кај Ивате

Силен земјотрес со магнитуда од 7,2 степени го погоди североисточниот дел на Јапонија во четвртокот наутро.

Властите соопштија дека нема опасност од цунами, а засега нема информации за повредени лица или за поголема материјална штета.

Епицентарот на потресот бил во морето, во близина на источниот брег на префектурата Ивате, на длабочина од околу 50 километри.

Првичната процена била зголемена

Јапонската метеоролошка агенција ја зголеми првичната процена за јачината на земјотресот од 6,9 на 7,2 степени.

Американскиот геолошки институт, пак, го регистрирал потресот со магнитуда од 6,9 степени.

Земјотресот се случил за време на утринскиот сообраќаен шпиц и благо се почувствувал и во Токио.

Железнички линии привремено биле запрени

Дел од брзите и локалните железнички линии во североисточна Јапонија привремено биле запрени поради безбедносни проверки.

Во нуклеарните централи и во другите критични објекти не биле забележани неправилности.

Во основно училиште во градот Хашиками, во префектурата Аомори, наставата била откажана, а учениците биле испратени дома. Според директорката на училиштето, дел од децата биле исплашени, но сите биле безбедни.

Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека владиниот кризен тим ги собира информациите и се подготвува за евентуални спасувачки операции. Жителите во погодените региони се повикани да останат внимателни поради можни последователни потреси.