Најмалку 164 лица загинаа во земјотресите во Венецуела, изјави вршителката на должноста претседател на таа држава, Делси Родригез.

Речиси 1.000 луѓе се повредени, според новите официјални бројки.

Родригез најави создавање фонд за справување со штетите од катастрофата, чиј почетен износ ќе биде 200 милиони долари. За него ќе се користат ресурси од Меѓународниот монетарен фонд.

По силните земјотреси што ја погодија Венецуела, беше лансирана граѓанската платформа „Venezuela Te Busca“, односно „Венецуела ве бара“, чија цел е пронаоѓање на исчезнати лица и повторно обединување на семејствата. За само неколку часа, повеќе од 9.000 луѓе беа пријавени како исчезнати, додека речиси 300 беа пронајдени.

Ситуацијата во венецуелскиот град Ла Гваира е целосно надвор од контрола, основните услуги не постојат, вели локалниот жител Хозе Ролон.

„Ситуацијата е во целосен колапс. Немаме електрична енергија, немаме интернет, немаме вода, немаме услуги“, рече Ролон, додавајќи дека комуникацијата е можна само преку сателитски телефони, кои ги поседува. Тој ги сподели своите впечатоци во интервју за шпанската државна телевизија.