Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер на домашен терен славеше убедлива победа против ГРК Тиквеш со резултат 37-26, во рамките на натпреварите од македонската ракометна лига.

Ова беше осма победа во сезоната за избраниците на Лино Червар, кои досега имаат забележано и еден пораз и едно реми. На спротивната страна, тимот на кавадарчани по овој натпревар има скор од четири порази, пет победи и едно реми.

Во воведните 15 минути од средбата на теренот се водеше целосно изедначена битка. По тој период, домашниот состав со серија од три последователни гола успеа да поведе со 10-7, по што полека, но сигурно продолжи да ја зголемува предноста, заминувајќи на полувремето со водство од 17-13.

Во продолжението од натпреварот битолчани имаа рутинска задача на паркетот и без никакви проблеми го приведоа мечот кон сигурен триумф во своја корист.

Петар Атанасијевиќ со девет постигнати гола беше најефикасен стрелец во редовите на победничкиот состав, Пешевски го следеше со шест погодоци, а голманот Брестовац запиша седум одбрани. Кај тимот на ГРК Тиквеш, Ончев постигна осум голови, додека чуварот на мрежата Солев оствари 10 интервенции.